Комората ја реализираше втората обука “Примена на регулатива, оперативни процедури, внатрешна контрола и управување со безбедносен ризик“ како дел од континуираниот процес на професионално усовршување на менаџерскиот кадар во приватното обезбедување.
Обуката беше фокусирана на практичните аспекти на примената на регулативата и оперативните процедури, внатрешната контрола и управувањето со безбедносните ризици, со цел зајакнување на капацитетите за секојдневно оперативно одлучување и раководење.
Во текот на излагањата беше потенцирано дека менаџерите во приватното обезбедување имаат директна и значајна улога во воспоставувањето и одржувањето на безбедносните системи, како и во донесувањето одлуки кои мора да бидат законски исправни, стручни и професионално аргументирани. Посебно беше нагласено дека нивната експертиза и компетентност се клучни за ефикасно управување со безбедносните процеси и за навремено и соодветно реагирање на ризични ситуации.
Еден од централните сегменти на обуката беше значењето на проценката на безбедносниот ризик како основа врз која се дефинираат и спроведуваат оперативните мерки за обезбедување. Се истакна дека квалитетната анализа на ризиците е предуслов за правилно планирање и организација на безбедносните активности, особено во средини со зголемена комплексност и динамични предизвици.
Воедно, беше обработена и темата за усогласеност со законските и професионалните стандарди, со посебен фокус на нивната примена при обезбедување на јавни настани, како што се концерти, спортски натпревари и други масовни собири, каде што барањата за координација, организација и одговорност се значително повисоки.
Посебно внимание беше посветено и на прашањата поврзани со кривичната одговорност при извршување на дејноста приватно обезбедување, со акцент на правните ризици, обврските и последиците од непочитување на законските прописи, како и потребата од доследно, професионално и законито постапување во сите оперативни ситуации.



