Комората на РМ за приватно обезбедување и Центарот за управување со кризи потпишаa Меморандум за соработка, што го одбележува отпочнувањето на процесот на размена на позитивна пракса и знаења меѓу двете институции во правец на обезбедување на адекватен придонес за превенција и заштита на објекти кои се од исклучителна важност за државата, особено во делот на критичната инфраструктура, во која вршителите на приватно обезбедување алоцираат значителни капацитети.
Наведената активност се вклопува во долгорочниот план на Комората за интензивен стратегиски развој на дејноста приватно обезбедување во Република Македонија во сите сегменти и во сите домени во кои се бара соодветна инклузивност од страна на Комората.
По повод потпишувањето на меморандум за соработка беше организирана Научно–стручна дебата на темата “Центарот за управување со кризи и приватниот безбедносен сектор во заштита на критичната инфраструктура-соработка и партнерство” со која јасно и недвосмислено се стави до знаење дека значењето на безбедноста на критичната инфраструктура во Р.Македонија е императив и предизвик и за двете институции и се истакна евидентната потреба од продлабочена соработка и заедничко дејствување.
Во текот на научно–стручна дебата на темата “Центарот за управување со кризи и приватниот безбедносен сектор во заштита на критичната инфраструктура-соработка и партнерство” своите ставови ги изнесоа: Проф. д-р. Оливер Бакрески и Проф. д-р Марина Митрeвска од Институт за безбедност, одбрана и мир, при Филозофскиот Факултет, Скопје; Проф. д-р Саше Герасимовски, од Факултет за безбедност, Скопје;
м-р Душко Петровски, Раководител на сектор за оперативна координација при ЦУК и д-р Стевко Стефаноски, Раководител на сектор за аналитика, процени и стратешко планирање при ЦУК и д-р Тони Станковски, Помошник директор во Биро за јавна безбедност (БЈБ) при Министерство за внатрешни работи.