На 27.01.2017 год. со почеток во 13.00 ч. во просториите на Центарот за обука на Комората, во Скопје се одржa промоција на најновата публикација во издание на Комората „Прирачник за обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки“ од авторите: д-р Кире Б.Бабаноски, д-р Ице Н. Илијевски и д-р Злате С. Димовски.
Потребата за изготвување на „Прирачник за обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки“ произлезе од една страна како императив во време на сестрано работење на правните лица, кои нудат богато портфолио на услуги на приватно обезбедување, меѓу кои значителен дел зазема обезбедувањето на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки. Но од друга страна, побудата за изработка на пишано дело кое ќе понуди темелна анализа на една специфична област од доменот на јавните овластувања беше неопходно наметната од недостатокот на национална специјализирана стручна литература за проблематиката.
Во тој смисол, со овој труд Комората се потруди да обезбеди синергија меѓу теоријата и праксата, формулирајки публикација која базирана на теоретските научни сознанија ќе обработи конкретни случаи на практични примери од областа приватно обезбедување на транспорт и пренос на пари и други вредносни пратки.