Денови на приватно обезбедување 2015

Свечена академија по повод 15 годишнина на Комора на РМ за приватно обезбедување

Промоција на Монографија,

Промоција на книга “Приватно обезбедување–теорија и концепт“

16.10.2015

На 16.10.2015 год.-петок, со почеток во 18.00 ч. во концертната сала на Домот на Армијата, во Скопје во рамки на кампањата Денови на приватно обезбедување 2015 се одржа свечена академија по повод 15 години постоење на Комората. Во рамките на настанот, Комората на РМ за приватно обезбедување организираше промоција на Монографија по повод 15 години постоење, како и промоција на книгата “Приватно обезбедување–теорија и концепт“.

Свечената академија со свое обраќање ја отвори Претседателот на Комората на РМ за приватно обезбедување Верица Милеска-Стефановска, која ја изрази честа и своето задоволство што ја има довербата да ја раководи Комората на РМ за приватно обезбедување и да придонесе за развој на секторот приватно обезбедување. Во своето обраќање Претседателот на Комората на РМ за приватно обезбедување се наврати години наназад во времето на почетоците на дејноста приватно обезбедување и формирањето на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување и истакна „Македонскиот модел на приватен безбедносен сектор беше создаден на уникатен начин, во макотрпен процес, обременет со многу предизвици, рефлектирани од екс-југословенскиот контекст. Клучната особеност произлегува од мирниот и правно фундиран начин низ кој Република Македонија се стекна со независност и овозможување безбедносните функции кои традиционално се врзуваа исклучиво со државната сфера, да станат поле за ангажман на приватни актери. Во тоа време и во рамките на новиот либерален поредок, услугите од безбедносен карактер беа потребни и барани, но поради својата специфика, исто така, беа потребни поголеми гаранции за професионалност и кохерентна и недвосмислена правна основа. Одтука, формирање на Комората за приватно обезбедување претставуваше резултат на тогашната политичка и општествена реалност.“

Во оваа прилика беше промовирана и Монографијата на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, објавена по повод 15 годишното постоење, која преку обработка на хронолошкиот развој и активности на Комората во релевантни сегменти од функционирањето укажува на фактот дека во осознавањето на објективната вистина или објективната реалност потребно е да се знае за феноменот на приватното обезбедување, кое најчесто се врзува за активностите на агенциите за обезбедување.

Претседателот на Комората на РМ за приватно обезбедување Верица Милеска Стефановска заблагодарувајки се истакна дека е „нескриено горда на безрезервата поддршка од вршителите на дејноста, кои придонесоа за низата етаблирани успеси и осмислени и визионерски чекори на Комората. Нивната проактивна улога и перманентна поддршка претставува круцијален фактор за натамошниот развој на Комората. “

Воедно, беше искажана благодарност до сите соработници и поддржувачи на Комората, за нивната генерална определба и заложба за придонес во градење на дејноста приватно побезбедување, која е на многу начини суптилна дејност, но со универзални вредности од јавен интерес.

Во текот на настанот Денови на приватно обезбедување 2015, во свечената академија по повод 15 годишнината од постоењето на Комората на РМ за приватно обезбедување, на присутните им се обрати м-р Горанче Савовски, во име на Министерството за внатрешни работи, како Директор на Бирото за јавна безбедност и како долгогодишен Претседател на Комисијата за надзор над работењето на правните лица за приватно обезбедување. Директор на Бирото за јавна безбедност м-р Горанче Савовски го честиташе 15 годишниот јубилеј на Комората и даде осврт на досегашното и кратка насока за работењето во иднина, при што особено ги истакна идните предизвици и потребата од континуирано унапредување на дејноста приватно обезбедување, како и потребата стандардизирањето на работењето, професионалнизацијата, стручно усовршување и следење на новите текови и современи трендови во работењето да се постават високо на приоритетите на вршителите на дејноста приватно обезбедување. Дополнително, беше укажано дека „Министерството за внатрешни работи, иако од позицијата на реален и објективен коректор на воочени неправилности, останува отворено за соработка за сите предлози за подобрување на овој сектор, задржувајки го приматот на заштита на општите интереси на јавноста и граѓаните на нашата држава. “

Комората на Република Македонија за приватно обезбедување одамна јавно укажува на неопходноста од активна работа и придонес на полето на инвестирање во научно-академски трудови, континуираното учење и проширување на знаењата, како примарен извор на вредности во денешницата. Во тој контекст, по повод свечениот јубилеј, 15 годишнинтаа од основањето Комората одлучи да ги поддржи напорите на авторите проф. д-р Оливер Бакрески, проф. д-р Милан Даничиќ, проф. д-р Желимир Кешетовиќ и м-р Сашо Митевски во изработката на стручна книга посветена на Приватната безбедност, сметајќи дека со тоа современите искуства во оваа област ќе бидат достапни и за Македонската научна, стручна и поширока јавност. Во текот на кампањата Денови на приватно обезбедување 2015 се одржа промоција на книгата, кога свое обраќање за квалитетот на содржините, значењето на тематиката, начините на обработка на материјата и кредибилитетот на авторите говореа рецензентите на книгата: д-р Трајан Гоцевски, Филозофски факултет-Скопје, д-р Драгомир Јовичиќ, Факултет за безбедност и заштита-Бања Лука и д-р Зоран Кековиќ, Факултет за безбедност-Белград.

Во име на авторите на книгата на присутните им се обрати проф. д-р Оливер Бакрески кој истаскна дека сегментот прашања што е анализиран во оваа научна книга е во контекст на согледувањето каква е улогата на приватната безбедност, како се остварува потребната заштита на имотот и на граѓаните. Оттука, во книгата не е направено само синтетичкото изучување на прашањата поврзани со приватната безбедност, туку направен е и еден сублимат на анализи и синтеза на одговори на прашања кои што се во корелација со оваа проблематика.

Овогодинешните Денови на приватно обезбедување ја одбележаа и соработката на Комората на РМ за приватно обезбедување со сродни организации од странство. Претседателот на Комората за обезбедување од Словенија Г-дин Бранко во име на долгогодишната плодна и успешна соработка, размената на мислења и искуства од областа на безбедноста и додели благодарница на Комората на РМ за приватно обезбедување. На настанот беа присутни и гости од Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

Одбележувајки го 15 годишното работење на Комората на РМ за приватно обезбедување на полето на вложување во унапредување на дејноста приватно обезбедување посетителите, вршителите на дејноста, стручната и научната јавност, па и пошироката домашна и меѓународна јавност ќе останат забележани во аналите на историјата како сведоци на тенденциите за натамошен прогрес на секторот приватно обезбедување во Република Македонија.

Previous
Next

17.12.2024 – Работна средба во СВР Штип

Во функција на унапредување на соработката помеѓу вршителите на приватно обезбедување и полициските службеници во регионот на СВР Штип и вложување во професионално вршење

Повеќе »