„Портокалова дланка – обединети во активизам против насилство врз жените и
девојчињата“ е кампања на Комората за приватно обезбедување со цел за ефикасно и ефективно обединување на секторот приватно обезбедување во активизам за подигнување на свеста против родово базирано насилство.

Борбата против насилство врз жените и девојчињата во секоја форма претставува исклучително важна тематика која е поставена високо на приоритетите на секоја заедница.
Комората за приватно обезбедување длабоко верува дека приватното обезбедување како релевантен безбедносен чинител може да придонесе во напорите за подигнување на свеста за активизам против насилството врз жените и девојчињата, пред сè поради своето директно присуство во сите сфери на живеењето и работењето на луѓето (во училишта, на работни места, аеродроми, спортски, угостителски, хотелски објекти, шопинг молови, болници, на јавни настани, спортски натпревари, културни манифестации и сл.).
Проектот ќе се реализира во периодот мај-декември 2023 год.
Концепциската рамка на проектот предвидува на секој 25-ти ден во месецот да биде обележан како ПОРТОКАЛОВ ДЕН, кога ќе има посебни медиумски активности, интернет објави, изјави, видеа со пораки кон приватниот безбедносен сектор за активизам и подигнување на свеста против насилство врз жените и девојчињата.
Во рамки на проектот ќе бидат организирани 2 специјализирани настани:
– На 27.11.2023 год. ќе биде организиран: СЕМИНАР СО СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ ПРЕДАВАЊА на теми за родови прашања во приватниот безбедносен сектор; мотивациски предавања за личен и професионален развој на жени и девојчиња; со уметност и спорт кон промени; менаџирање на стрес, женско лидерство и сл.
– На 06.12.2023 год. ќе биде организиран: настан „ПОРТОКАЛОВ ФЕНИКС“ кога ќе биде потпишана, односно промовирана ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ОБЕДИНЕТО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА ПРИВАТНИОТ БЕЗБЕДНОСЕН СЕКТОР ПРОТИВ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈЧИЊАТА. Декларацијата ќе биде потпишана од правните лица коишто вршат приватно обезбедување, а за поддршка ќе бидат поканети: државни институции, невладини организации, академски и научни институции, медиумски организации итн.
Проектот „Портокалова дланка“ е поддржан од: Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Европската организација за приватно обезбедување Коесс, со седиште во Брисел и од организациите за приватно обезбедување од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Романија. 

ПОРТОКАЛОВ ДЕН

25.05.2023  

Верица Милеска Стефановска, претседателка на Комора на Република Северна Македонија за приватно обезбедување. 

Комората за приватно обезбедување започнува со реализација на проект „Портокалова дланка-обединети во активизам против насилство врз жените и девојчињата“.

25.06.2023  

Денес е ПОРТОКАЛОВ ДЕН. И секој следен 25 ти ден во месецот ќе биде обоен во портокалово, затоа што за Комората за приватно обезбедување борбата против родово базираното насилство е исклучитено важна тема. Токму зарад тоа Комората иницираше проект насловен „Портокалова дланка-обединети во активизам против насилство врз жените и девојчињата“. Овој проект предвидува различни форми на активизам во насока на подигнување на свеста на вршителите на приватно обезбедување против родово базирано насилство.
За денешниот Портокалов ден проследете ја изјавата на Габриела Кулебанова, потпретседателка на Сојузот на стопански комори. Застапеноста на приватното обезбедување во секојдневното функционирање на сите компании е неизоставен сегмент и важен фактор. Во ова време на предизвици, заеднички воспоставуваме грижа за сите вработени, а воедно и меѓусебна поддршка за остварување на целите во работењето. Во основните цели се стремиме заеднички и за откривање и превенирање на родовото базирано насилство. Сојузот на стопански комори застапувајќи ја бизнис заедницата со членки од големи, средни, мали и микро компании е против секаква форма на родово базирано насилство и го поддржува проектот на Комората за приватно обезбедување за подигнување на свеста кај приватниот безбедносен сектор во борбата против родово базираното насилство. Секоја одговорна компанија се грижи за своите вработени и може да придонесе во борбата против родово базирано насилство преку креирање и имплементирање на јасни политики и процедури и вклучување во активизам како за оваа форма на насилство така и за сите останати. Родово базирано насилство предизвикува стрес, анкциозност, намалување на самодовербата и мотивацијатаи други последици на менталното и физичкото здравје на вработените. Трошоците од родово базирано насилство се пресметуваат околу 2% од светскиот ГДП (1,5 трилиони $). Заеднички, преку спроведување на информативни состаноци и одредување на правилни активности и стратегии ќе се стремиме за намалување и превенирање на овој вид на насилство, правејќи подобро општество за сите.

25.07.2023

Денес е „ПОРТОКАЛОВ ДЕН“ а тоа значи дека во рамки на проектот „Портокалова дланка- обединети во активизам против насилство врз жените и девојчињата“ ја споделуваме пораката од д-р Весна Попоска, Деканка на Правен факултет при Меѓународен универзитет Визион, Гостивар.
„Со ратификацијата на Истанбулската конвенција и донесување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, националниот правен систем започна да го препознава родово-базираното насилство како споделена одговорност на сите носители на јавни овластувања, вклучително и компаниите за приватно обезбедување, кои се и најприсутни како физичко обезбедување во јавниот простор.
Обврската за должно внимание или due diligence и свеста за постоењето на проблемот, како и потребата за разбивање на стереотипите, помошта и прифаќањето на жртвите, но пред се, превенцијата на нова „црна хроника“ , се само дел од пошироката кампања „Портокалова дланка“ на Комората за приватно обезбедување која приказната на 16 дена против насилство врз жените и девојчињата ја проширија преку целата година како постојано актуелна тема и ова нивна активност е повеќе од вредна за поддржување и споделување.“

25.08.2023

Денес е ПОРТОКАЛОВ ДЕН. Во рамки на проектот „Портокалова дланка-обединети во активизам против насилство врз жените и девојчињата“ на Комората за приватно обезбедување за овој четврт Портокалов ден проследете ја изјавата на Младен Чадиковски, Претседателот на Здруженито на новинарите на Македонија: „Безбедноста на новинарите е една од примарните долгорочни цели на кои ЗНМ работи изминатите години, а продолжува да работи и понатаму. Сметаме дека ова прашање е од круцијално значење затоа што секој заслужува да се чувствува безбедно на своето работно место. Работата на новинарите не е канцелариска што дополнително ги изложува на ризик, посебно новинарките, кои што според нашите податоци се многу повеќе изложени на вербален и физички напад. Родово базираното насилство доживеа експанзија со појавата на онлајн медиумите, особено со појавата на социјалните мрежи каде што колешките новинарки се жртви на вербален напад кој често пати вклучува закани по нивната безбедност и закани по живот. За некого можеби тоа звучи безопасно бидејќи се случува на компјутер, но никогаш не можеме да знаеме кога напаѓачот ќе ја помине црвената линија од закана во реализација, односно кога онлајн нападот ќе стане офлајн. Токму затоа ЗНМ смета дека промената во Кривичниот закон е навистина голем успех бидејќи сега нападот на новинар се смета за напад на службено лице, што носи дополнителна заштита на колегите. Ние имаме регистар за напад на новинари каде што забележува тренд на пораст на нападите кон новинарки. Новинарките не треба и не смеат да бидат напаѓани само заради фактот што си ја вршат професионално нивната работа. Што уште поважно, секоја напад треба да се пријави бидејќи само на тој начин идните напаѓачи ќе се обесхрабрат да делуваат повторно. Праксата на неказнивост мора и треба да се смени и ЗНМ не отстапува од тоа. Токму затоа ЗНМ ја поддржува кампањата на Комората за приватно обезбедување.“

25.09.2023

Денес е ПОРТОКАЛОВ ДЕН. Амбасадорот Килиан Вал со порака до приватниот безбедносен сектор, а во рамки на проектот „Портокалова дланка-Обединети во активизам против насилство врз жените и девојчињата“ „Безбедност значи не само физичка безбедност, туку и ослободеност од страв. За жал, насилството врз жените и девојчињата останува континуирана закана во реалноста. Многу е важно сите аспекти на безбедносниот сектор, приватниот и јавниот, националниот и меѓународниот да работат заедно за да ја подигнат свеста за ова прашање, бидејки заедно сме посилни и сите треба да се исправиме во напорите да се запре ова ужасно насилство.“